Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Центарот за управување со промени отвора повик за службеници и службенички вработени во јавниот сектор кои сакаат да ги надградат своите знаења и вештини и да станат обучувачи и обучувачки за недискриминација и должност за унапредување на еднаквоста во јавниот сектор.
Обуките се дел од проектни активности, подржани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје во рамките на проектот „Зајакнување на владеењето на правото и човековите права во Северна Македонија II“. Во рамки на проектните активности се креира Програма за градење капацитети за недискриминација и должноста за еднаквост во јавниот сектор за 200 претставници од јавниот сектор, со соодветна застапеност на жени и мажи и на заедниците.
Обуките ќе се реализираат на 05.09.2022, 06.09.2022, 12.09.2022 и 13.09.2022 година и ќе се одржуваат во Ресурсниот центар за креирање на политики и родово одговорно буџетирање.
Предвидено е програмата на обуката да обезбеди знаење во областите на недискриминација и еднаквост како и вештини за обучувачи за да можат своето знаење да го пренесат на најефективен и ефикасен начин до останати слушатели и слушателки во јавниот сектор.
На обуките можат да се пријават службениците и службеничките вработени во институции на јавниот сектор кои се редовно вработени во своите институции.
• Пријавените кандидати за обуката треба да имаат работен стаж во своите институции од минимум две години, да се службеници и службенички вработени во категорија Б или В.
• Кандидатите треба да покажат основно познавање од темите недискриминација и еднаквост и да наведат искуство и / или познавање од претходно наведените теми во текстот на апликацијата.
• Кандидатите и кандидатките во апликацијата треба да наведат соодветна мотивација за нивното учество во обуката.
Ги повикуваме сите кои се заинтересирани да аплицираат преку следниот линк - https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSdm0xFBLMAfq0q6FkJva5pUyy7tdasQ4-SWfMFiwlTzO23Snw/viewform?usp=pp_url најдоцна до 26 август 2022 година.
Избраните учесници и учеснички ќе бидат контактирани со повеќе детали.