На 21 и 22 септември 2026 година во Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање при Министерството за социјална политика демографија и млади се реализираше дводневната обука на тема „Основна обука за род, родова еднаквост и воведување на родовата перспектива во јавните политики“ .
Обуката е насочена кон унапредување на родовата еднаквост и зајакнување на институционалните капацитети за интегрирање на родовата перспектива во процесите на креирање јавни политики, стратешко планирање, буџетирање и следење на политиките.
На обуката учествуваа претставници на единиците на локалната самоуправа, кои имаа можност да ги унапредат своите знаења и практични вештини поврзани со родовата еднаквост и примената на родовата перспектива во работата на локално ниво.
Во текот на обуката беа обработени основните концепти поврзани со родот и родовата еднаквост, значењето на интегрирањето на родовата перспектива во јавните политики, како и улогата на локалната самоуправа во создавањето политики и мерки кои одговараат на различните потреби на жените и мажите.
Посебен акцент беше ставен на практичната примена на стекнатите знаења и на препознавањето на можностите за унапредување на родовата еднаквост во процесите на локално креирање политики, стратешко планирање и буџетирање.
Обуката ја организираше Одделението за родово одговорни политики и родово одговорно буџетирање при Секторот за еднакви можности-МСПДМ со поддршка на проект финансиран од Европската Унија „Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија“.
Преку ваквите активности се придонесува кон континуирано јакнење на институционалните капацитети и создавање услови за поефикасно и систематско интегрирање на родовата перспектива во јавните политики и процесите на локално управување.






.jpg)