На 4 и 5ти ноември 2026 година се реализираше третиот модул од обуката на тема „Спроведување родова анализа на локално ниво“, наменета за јакнење на капацитетите на претставниците на локалната самоуправа за препознавање и адресирање на различните потреби, приоритети и предизвици со кои се соочуваат жените и мажите во локалните заедници.

Обуката беше насочена кон унапредување на знаењата и практичните вештини за спроведување родова анализа како важна алатка за креирање инклузивни и родово одговорни локални политики.

Во текот на обуката беа обработени основните принципи, методи и чекори на родовата анализа, значењето на прибирањето и користењето податоци разделени по пол, идентификувањето на родовите нееднаквости, како и нивното поврзување со планирањето и спроведувањето на локалните политики и мерки.

Посебен акцент беше ставен на практичната примена на стекнатите знаења во работата на единиците на локалната самоуправа, со цел подобро препознавање на потребите на различните групи граѓани и креирање политики што обезбедуваат еднакви можности за жените и мажите.

Обуката ја организираше Одделението за родово одговорни политики и родово одговорно буџетирање при Секторот за еднакви можности во Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка на проектот финансиран од Европската Унија „Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија“.

Преку ваквите активности продолжува континуираното јакнење на институционалните капацитети на локално ниво и унапредувањето на примената на родовата перспектива во процесите на креирање политики, планирање и донесување одлуки.