На 19 и 20 октомври, во Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање, се реализираше обуката „Основи на следење и евалуација на родово одговорни политики“, наменета за административните службеници на централно ниво.
Во текот на дводневната обука учесниците ги продлабочија знаењата и практичните вештини за следење и евалуација на родово одговорните политики, со посебен фокус на проценката на нивните ефекти, резултати и придонес кон унапредувањето на родовата еднаквост.
Преку теоретски знаења, практични примери и интерактивна работа, учесниците имаа можност да ги унапредат своите капацитети за поефикасно следење на спроведувањето на политиките и мерење на постигнатите резултати.
Обуката беше организирана од Одделението за родово одговорни политики и родово одговорно буџетирање при Секторот за еднакви можности во Министерството за социјална политика, демографија и млади, со поддршка на проектот финансиран од Европската Унија „Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија“.








