На 12.11.2026 година, Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање при Министерството за социјална политика , демографија и млади беше домаќин на питомци и питомки од втора година на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје. Посетата беше реализирана во рамките на наставната програма по предметот Социологија, кој опфаќа теми поврзани со родовата еднаквост и интегрирањето на родовата перспектива.

Преку оваа едукативна посета, питомците и питомките имаа можност да ги надградат своите знаења и да ја согледаат важноста на примената на родовата перспектива во различните општествени и институционални контексти, вклучително и во областа на одбраната и безбедноста. Посебен акцент беше ставен на практичните аспекти на интегрирањето на родовата перспектива во процесите на креирање јавни политики и буџети, како и на нејзиното значење за унапредување на институционалното работење и донесувањето одлуки.

Посетата се одвиваше во позитивна и конструктивна атмосфера, при што беше изразен заеднички интерес за воспоставување и продлабочување на соработката, особено во делот на едукацијата, размената на знаења и искуства и заедничкото придонесување кон унапредувањето на родовата еднаквост.

Со реализацијата на ваквите едукативни активности, Ресурсниот центар продолжува да ја остварува својата улога во подигнувањето на свеста и градењето на капацитетите на идните професионалци и офицери за препознавање и примена на принципите на родовата еднаквост и еднаквите можности во нивното идно професионално дејствување.

Ресурсниот центар останува отворен за соработка со образовните институции и академската заедница, препознавајќи ја едукацијата на младите и идните професионалци како важна основа за градење инклузивни, правични и родово одговорни институции и општество.

Упатуваме благодарност до професорите од Воената академија, Александар Грижев и Александра Жежова, за иницијативата и остварената посета, како и за нивниот придонес во поттикнувањето на интересот за овие значајни теми.