Министерството за социјална политика, демографија и млади, согласно Планот и програмата на Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџети, на 17 декември 2025 година организираше обука наменета за зајакнување на капацитетите за родово одговорно креирање на политики и буџетирање.

Во рамки на активностите беше реализиран првиот модул под наслов „Основна обука за родова еднаквост и воведување на родовата перспектива во јавните политики“.

Целта на обуката беше учесниците да се стекнат со основни знаења за поимите род и пол, клучните концепти на родовата еднаквост, како и да ги препознаат разликите во позициите на моќ во општеството кои претставуваат основа за родова дискриминација. Преку интерактивен пристап, учесниците беа оспособени да ја интегрираат родовата перспектива при креирање на стратешки документи, јавни политики и буџети, со цел подеднакво да ги адресираат потребите на жените и мажите и да придонесат кон донесување и спроведување на родово одговорни политики.

Обуката беше наменета за административни службеници со релативно кратко работно искуство, како и за учесници кои досега немале можност да се запознаат со концептите на родова еднаквост, а се вклучени во процесите на креирање политики и програми во рамки на своите институции.

Обуката ја спроведоа вработени од Одделението за родово одговорни политики и родово одговорно буџетирање при Секторот за еднакви можности, како и административни службеници – обучувачи за родово одговорно буџетирање, кои со својата експертиза и практично искуство придонесоа за успешна реализација на обуката.