Министерството за труд и социјална политика во соработка со канцеларијата на UN Women во Скопје започна со спроведување на серија обуки наменети за зајакнување на капацитетите во институциите, кои се одржуваат во Ресурсниот центар за креирање на политики и родово одговорно буџетирање. Обуките се спроведени од Центарот за управување со промени во рамките на проектот на UN Women „Промовирање на родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“ финансиски поддржан од Швајцарија и Шведска.

Првата обука е на тема „Основна обука за род, родова еднаквост и воведување на родовата перспектива во јавните политики“, која се одржа на 30 и 31 мај 2022 година. Целта на обуката е учесниците да се стекнат со знаења за основни поими на род и пол, основните концепти на родовата еднаквост да ги препознаваат разликите во позициите на моќ во општеството кои се услов за родова дискриминација за да може при креирање на стратешки документи и јавни политики да ги пресретнат потребите на мажите и жените подеднакво и да застапуваат за донесување и спроведување на родово одговорни политики.

Обуката е наменета за административни службеници со релативно кратко искуство во работата, лица кои започнале со работа во институциите во последните три години, односно учесници кои досега немале можност да се запознаат со концептите за родова еднаквост, а учествуваат во процесите на креирање на политики и програми во своите институции.

На обуката учествуваа претставници од сите ресорни министерства.