Се одржа Промоцијата на кампањата „Со тебе сме – заедно против насилството врз жените и девојчињата“ со цел поттикнување на жртвите од семејно насилство да го пријават насилството во надлежните институции. На промоцијата присуствуваа Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, Амбасадорот на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, Дирк Јан Коп, заменик шефот на мисијата на ОБСЕ во Република Косово, Килијан Вахл, како и претставници од институциите и граѓанскиот сектор.
На промоцијата беше во фокус Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Законот го регулира должното внимание на институциите и укажува на превенцијата и заштитата од родовото базирано насилство врз жените и семејното насилство.
„За да можеме да зборуваме за успешна имплементација на ова законско решение и успешно справување со насилството врз жените и девојчињата и родово базирано насилство потребно е сите алки од синџирот на координираната борба против насилството, подеднакво да го даваат својот придонес“ изјави Тренчевска.
Таа посочи дека согласно Законот, Владата формираше Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство.
Со цел доближувањето на процесот на пријавување на насилството до жртвите во функција е и апликацијата „Биди безбедна“, која овозможува лесно и брзо пријавување на насилниците.