Во просториите на Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање се одржа работна средба на тема ,, Напредокот на Република Северна Македонија при спроведување на активностите предвидени во Националниот Акциски План (2018-2023) за имплементација на Истанбулската Конвенција” за период од октомври 2018 - декември 2021 година. На средбата присуствуваа Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, претставници на институциите, граѓанскиот сектор и меѓународните организации.

Целта на работната средба беше презентација на три извештаи за напредокот на Република Северна Македонија при спроведување на активностите предвидени во Националниот Акциски План (2018-2023) за имплементација на Истанбулската Конвенција. Заклучоците од извештајот упатуваа на поголема вклученост и координираност помеѓу институциите како и зајакнување на капацитетите на човечките ресурси со цел надминување на предизвиците поврзани со насилството врз жените и семејното насилство.

Активноста  беше спроведена во рамките на проектот „На пат кон ЕУ: Спречување на насилството врз жените во Република Северна Македонија“ финансиран од Фондацијата „Kvinna till Kvinna“(The Kvinna till Kvina Fondation), а имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.