Во Ресурсниот центар за родово одговорно креирање политики и буџетирање, Центарот за управување со кризи, во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и со поддршка од канцеларијата на UN Women – Скопје, ја одржа работилницата на тема: „Координиран институционален одговор за заштита од насилство врз жените во Република Северна Македонија“.

На работилницата учествуваа претставници од државните институции и граѓанскиот сектор кои имаат надлежности во областа на координацијата, комуникацијата и заштитата на жените од насилство.

Фокусот беше ставен на институционалната и законската рамка за спречување и заштита од насилство врз жените во Република Северна Македонија. Во рамки на програмата, раководителката на Одделението за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство при Министерството за социјална политика, демографија и млади, г-ѓа Лидија Штерјов, одржа презентација за меѓународната и националната правна рамка за справување со насилството врз жените и семејното насилство, со посебен осврт на механизмите за помош, поддршка и заштита на жртвите, како и на значењето на мултисекторската соработка.

Советниците и координаторки за родова еднаквост при Центарот за управување со кризи, Севим Јакуп и Енисер Нуредини, пред присутните го презентираа Системот за управување со кризи, надлежностите на Центарот и функционирањето на Единствениот број за итни повици 112. Дополнително, беа презентирани и позитивни практики од функционирањето на системите за заштита во други земји.

Целта на работилницата беше да се зајакнат соработката и координацијата меѓу релевантните институции во справувањето со насилството врз жените, како и да се унапреди ефикасноста на институционалниот одговор во случаи на семејно и родово базирано насилство.

Преку вакви активности се придонесува кон подобрување на институционалната подготвеност, навремената реакција и обезбедувањето ефективна заштита и поддршка за жените жртви на насилство.