Во Ресурсниот центар за родово одговорно креирање на  политики и буџетирање се одржа билатерална средба помеѓу Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и заменик шефот на мисијата на ОБСЕ во Република Косово, Килијан Вахл. На средбата се разговараше за важноста на Ресурсниот центар во подигањето на јавната свест за родовата еднаквост и внесувањето на родова сензитивност во креирањето на политики и буџетирање.

Министерката изјави дека Ресурсниот центар е отворен со цел спроведување на обуки и собирање на материјални ресурси како што се истражувања и анализи кои ќе ги унапредат знаењата на јавната администрација.

Во Ресурсниот центар досега се спроведени обуки на четири теми, од кои, „Основна обука за Родово одговорно буџетирање“; „Следење и евалуацијa на постигнувањата од Родово буџетските изјави"; „Родово буџетски изјави - Извештај за родово одговорно буџетирање" и „Родовата перспектива во јавните финансии - РОБ". Исто така имплементирана е и онлајн платформа во која што се вклучени сите материјални ресурси. Овој центар е единствен во регионот, затоа нашата цел е да премине во Регионален ресурсен центар“, рече министерката.

Тренчевска посочи дека заложбите ќе продолжат со цел Ресурсниот центар да премине во Регионален ресурсен центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање.

Заменик шефот на мисијата на ОБСЕ во Косово се заблагодари за можноста да разговараат за позитивните практики од Република Северна Македонија која што е лидер во регионот во делот на родовата еднаквост и ќе послужат како добар пример и за Република Косово.

Центарот исто така има и онлајн платформа која ги содржи сите материјални ресурси и воедно служи за навремено известување за планираните обуки како и начинот на кој можат учесниците да се пријават и да учествуваат на истите.